Македонскиот премиер Никола Груевски денеска оствари посета на Кавадарци, во чии рамки пушти во употреба неколку инфраструктурни проекти важни за Кавадарци и за Повардарскиот регион. Како најзначаен меѓу нив е новиот водовод за жителите на општините Кавадарци и Росоман, со кој се решава проблемот со недостигот на вода за пиење. За новиот водоводен систем веќе е направен тиролски зафат за прифаќање на дополнителни 150 литри во секунда вода од речното корито на реката Луда Мара, доводен цевковод во должина од 9.727 метри и пречистителна станица за вода за пиење. Финансиската конструкција на овој проект изнесува 2,3 милиони евра, средства што се обезбедени од буџетот на Р.М. и од општинските буџети. Изградбата на водоводниот систем за Кавадарци и Росоман започна во 2010 година.
Во општина Кавадарци беа пуштени во сообраќај и два патни правци, регионалниот пат Кавадарци – Мушов Гроб и Кавадарци – Ресава. Првиот проект опфати реконструкција на трасата во должина од 16,3 километри и обновување на сообраќајната сигнализација и патната опрема. Ширината на патот составен од две коловозни ленти изнесува 5,9 метри. Во зафатот за реконструкција и проширување на патот се инвестирани 144,35 милиони денари од државниот буџет. Премиерот Груевски присуствуваше и на отворањето на локалниот пат од Кавадарци до населеното место Ресава, проект во кој владата инвестираше повеќе од 30 милиони денари. Ширината на коловозот на овој шесткилометарски патен правец изнесува 5,5 метри.