Ј.П. Паркинзи на општина Центар денеска излезе со соопштение до медиумите во кое наведуваат дека просторот на јавното паркиралиште „Аутомакедонија“ е откупен од приватен инвеститор, кој на градежната парцела ќе гради катна гаража. Земјиштето се наоѓа помеѓу булеварите „11 Октомври“, „Кочо Рацин“ и „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, веднаш до Зелен пазар [»мапа]. Во согласност со урбанистичкиот план „Голем Ринг – Исток“, градежната парцела е со површина од 1.364 метри квадратни и на неа треба да се изгради објект за надземно и подземно паркирање. Поради близината на пазарчето, овој дел од центарот на Скопје подолго време се соочува со проблемот на недостиг на доволен број паркинг места. Во насока на негово надминување, Градот Скопје веќе ја пушти во употреба катната гаража спроти седиштето на „Макпетрол“, додека Општина Центар пред неколку години со промена на урбанистичкиот план се одлучи да ја пренамени локацијата на Зелениот пазар во парк.
Во денешното кусо соопштение од јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ не се објавува висината на инвестицијата и вкупниот капацитет на паркинг места во идната катна гаража, ниту пак се обелоденува приватната компанија што ќе инвестира во овој објект.
РЕАКЦИЈА: Од Министерството за транспорт и врски негираат дека е извршена продажба на државниот дел од земјиштето на локацијата со површина од 1.364 метри квадратни. Оттаму напоменуваат дека сите отуѓувања се јавни и транспарентни и кој сака може да провери дека наводите на Ј.П. Паркинзи на општина Центар не се точни. Дел од парцелата на која треба да се гради идната катна гаража е во приватна сопственост, но има и еден дел што е во сопственост на државата.