Претходна статија
Штипски „Бетон“ со поголема добивка во 2013 година
Следна статија
Се продаваат две парцели за станбени згради во општина Аеродром

Потпишани договорите за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид

Објавено на 12.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

извор: Министерство за транспорт и врскиПо изгласаниот Закон за реализација на двата инфраструктурни проекти од пред три недели, во седиштето на Владата на Република Македонија денеска беа потпишани договорите за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Параф на документите ставија Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, заменик – претседателот на македонската влада Владимир Пешевски, директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски и претставникот на кинеската „Синохидро Корпорација“ (Sinohydro Corporation Limited) Ју Шичун. Со овој настан, се отвора патот за почеток на реализација на овие проекти во првиот квартал од 2014 година. Целокупната документација за двата автопати е веќе изготвена, речиси целосно е завршена експропријацијата на земјиштето за делницата Миладиновци – Штип, а во наредниот период треба да се дефинираат и имотно – правните односи за трасата Кичево – Охрид.

 

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 580 милиони евра, со можност за зголемување на нејзиниот износ од максимум 10% за дополнителни работи што би се појавиле во текот на изведбата. Преку 90% од финансирањето се врши со поволниот кредит од линеската Ексим банка и 10% од средства на Република Македонија преку Агенцијата за државни патишта. Домашните подизведувачи ќе треба да реализираат најмалку 49% од вредноста на предвидените градежни работи, при што изведувачот ќе биде должен да користи подизведувачи, да набави градежни материјали и други стоки и услуги што се произведени и изработени во Македонија, во износ од најмалку 49% од вкупната цена на договорите. Минимум 51% од ангажираните работници на градилиштата треба да бидат македонски граѓани.

 

Во согласност со потпишаните договори, со кинескиот заем е предвидена изградба на автопатот Миладиновци – Штип во должина од 53 километри и ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и помошна лента за застанување. Со кредитот од Кина ќе се финансира и изведбата на делницата Кичево – Охрид во должина од 56,7 километри со ширина од 25,5 метри, со по две коловозни ленти во двата правци, дополнителна лента за застанување и зелен појас.