Градежништвото е локомотивата што ја движи македонската економија напред. Експанзијата од нови и веќе договорени градежни активности доведе до поголем обем на работа на фирмите од градежниот сектор во првите осум месеци од 2013 година. Според публикацијата „Краткорочни статистички податоци за стопанските движења во Република Македонија“ на Државниот завод за статистика, забележан е значаен пораст на договорените и извршени градежни работи во земјава. Домашните и странските инвеститори во периодот јануари – август 2013 година договориле изведбени активности во висина од 31.720.506.000 денари, што е за огромни 75,6% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Дополнителен показател за силниот раст на овој сектор од индустријата се и извршените градежни работи во вредност од 14.039.116.000 денари, што претставува зголемување од дури 42,7% во однос на периодот јануари – август 2012 година. Статистичарите констатирале подем во градежништвото уште преку еден индикатор. Извршените ефективни часови во реализацијата на проекти изнесувале 10.604.000 и истите се зголемени за 29,3% во споредба со првите осум месеци од минатата година. И покрај ваквите резултати, раководителите на градежните фирми сметаат дека е понеповолна финансиската состојба на нивните деловни субјекти, иако и тие како поповолна ја оценуваат вкупната економска состојба во изминатите месеци.