Раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото сметаат дека финансиската состојба на нивните фирми во третиот квартал од 2013 година била понеповолна, во споредба со претходниот квартал, но истовремено била подобрена во однос на истиот период лани. Градежниците се жалат на неколку фактори што влијаат на функционирањето на нивниот сектор, па така тие оценуваат дека сегашната состојба со порачки (договори) е понеповолна во однос на претходните три месеци. Истовремено, тие очекуваат дека продажните цени во наредниот период ќе се намалат. Очекувањата за бројот на вработени во наредниот период се понеповолни, додека бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата е над нормалата.
Сепак, менаџерите на компаниите од градежниот сектор како поволна ја оценуваат вкупната економска состојба во периодот јули – септември 2013 година. Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на сегашната градежна активност имаат следниве фактори: конкуренцијата во сопствениот сектор (19,3%), немањето на побарувачка (19,1%), зголемените трошоци за материјали (15,7%) и зголемените финансиски трошоци – камати (12,1%). Оценката на раководителите на деловните субјекти за придвижувањата во градежниот сектор се изготвуваат од страна на Државниот завод за статистика четири пати во текот на една година.