Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) објави оглас за изработка на основен ревидиран проект за санација на армиранобетонскиот оџак 1 во ТЕ Битола. Заинтересираните компании ќе треба да ги достават своите понуди најдоцна до 18 ноември, за кога е закажано и нивното јавно отворање, а најниската цена е критериумот врз основа на кој ќе се избере најповолниот понудувач. Со овој чекор, започнува втората фаза од зафатот за модернизација на котлите на трите блокови од битолската термоелектрана. Во моментов, се вршат санациони активности врз блоковите 2 и 3. Основната цел на овој проект е намалување на емисијата на стакленички гасови. Согласно директивата на ЕУ, во периодот по 31.12.2016 година ќе мора да се затворат оние енергетски објекти што нема да го почитуваат пропишаното ниво на загадување на воздухот.
Со целосната реализација на втората фаза од зафатот ќе се продолжи животниот циклус на котлите за дополнителни 120.000 часа и ќе се зголеми стапката на ефикасност при работата на постоечките котли. За модернизација на котлите во блок 1 од ТЕ Битола се потребни 25.739.616 евра. Предвидено е 85% од финансиските средства да се обезбедат преку кредит од Дојче банка, додека останатиот износ ќе се покрие од сопствени средства на ЕЛЕМ. За ова задолжување, Република Македонија треба да даде гаранција, а заемопримач ќе биде државната компанија. Токму овој Предлог – закон вчера беше усвоен од собраниската Комисија за финансирање и буџет и истиот наскоро треба да биде изгласан од Собранието на Република Македонија.
Првата фаза од проектот за модернизација на котлите, но и за ревитализација на ладилните кули од блоковите 2 и 3 во битолската термоелектрана, стартуваше со потпишувањето на договорот во август 2012 година. Тогашниот заем од германската национална банка изнесуваше 49,2 милиони евра. Според веќе објавените податоци од ЕЛЕМ, вкупната инвестиција во овој обемен проект треба да достигне 88,5 милиони евра.