Субјектите што се заинтересирани за изградба на приватни градинки ќе можат да користат средства од четири финансиски инструменти, и тоа преку: Европската инвестициска банка, револвинг кредитната линија на Македонската банка за поддршка на развојот, инвестициската кредитна линија Револвинг фонд на Италијанската стокова кредитна линија и посебен Кредитен фонд кредитна линија со гарантна шема. Портпаролот на македонската влада, Александар Ѓорѓиев на денешната прес – конференција нагласи дека со ова се заокружува целиот концепт за инвестирање и може да стартува неговата реализација. „Владата преку вкупно четири кредитни линии, под поволни услови, со прифатлив и разумен рок на отплата и вклучен грејс период обезбедува средства за купување, изградба или адаптација на објект во кој ќе се воспостави приватна градинка“, изјави портпаролот Ѓорѓиев.
Како најдобра кредитна линија што ја користат македонските бизнисмени, преку инструментот што го нуди Европската инвестициска банка може да се подигнат средства во износ од 10 илјади до 3,5 милиони евра, со фиксна каматна стапка од 5,5 отсто што ја субвенционира државата. Рокот за враќање на средствата изнесува осум години, со грејс период од 24 месеци. За зголемување на интересот од инвеститорите, владата пред еден месец донесе одлука со која почетната цена за купување на градежно земјиште за изградба на градинки е намалено на едно евро за метар квадратен. Дополнително, комуналиите за подигање на овие образовни установи се намалени за 95 отсто.