Претходна статија
Над 5,5 милиони евра за изведба на барокна фасада на објектот во кој ќе се сместат ФДУ и државни институции
Следна статија
Владата ги советува бизнисмените да инвестираат во изградба на приватни градинки

Отворена изложбата „140 години железница во Македонија“

Објавено на 02.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По подолг временски период, главниот град повторно е сведок на железничка изложба. Во Музејот на град Скопје вчера вечер беше отворена изложбата со наслов „140 години железница во Македонија – со осврт на железниците во Скопје“. Во периодот до 19 ноември сите заинтересирани можат да се запознаат со развојот на железницата во светот, од нејзината појава во 1825 година кога во Англија бил пуштен првиот воз на линијата Стоктон – Дарлингтон, до 1873 година, кога била отворена за сообраќај првата железница во Македонија на линијата Солун – Скопје. На 9 август 1873 година на железничката станица во Скопје пристигна првиот воз од Солун.

 

Изложбата го следи развојот на железниците во Македонија низ повеќе историски периоди од 1873 до денес, со посебен осврт на развојот на железницата во Скопје. Поставката е составена од експонати во сопственост на музејот, како и од голем број на значајни предмети што ги собрал и обработил м-р Ванчо Милошевски, што се во сопственост на Македонски железници – Инфраструктура. Во соработка со Кинотеката на Македонија, изложбата е збогатена со документарни филмови за железниците во Македонија. „Токму на оваа локација на која денес се наоѓа и Музејот на град Скопје, била подигната првата железничка станица во Скопје која постоела од 1873 до 1937 година“, истакна во своето обраќање градоначалникот Коце Трајановски.

 

извор: Град Скопјеизвор: Град Скопје

 

 

Отворањето на синоќешната изложба уште еднаш го отвори прашањето за недостигот на Музеј на железницата во главниот град. Скопје е еден од ретките европски главни градови што нема соодветна музејска установа во која би биле изложени музејските експонати. Парните локомотиви и поновите модели на влечени средства се расфрлани низ целата територија на земјата, без постојана железничка поставка во највисока музејска установа за оваа дејност. Покрај несоодветниот третман на парните локомотиви, поголем дел од книжниот материјал и железничките предмети се расфрлани по различни културни установи и помеѓу двете претпријатија за транспорт и инфраструктура.