Приватните субјекти не се заинтересирани да инвестираат во планираниот затворен базен во Битола. На последниот повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство само две компании подигнале тендерска документација, но ниту една од нив не доставила понуда во предвидениот рок. По неколку неуспешни обиди за реализација на овој спортски објект во Битола, од локалната самоуправа најавуваат дека на следните огласи планираат да понудат нови поволности, но и можност за изградба на други дополнителни содржини во комплексот, како што е аква парк. Битолскиот градоначалник Владимир Талески во изјава за телевизијата „Тера“ напоменува дека има заинтересиран инвеститор за изградба на затворен базен, но не кај градското шеталиште, туку во битолската касарна.
Општинарите со години на битолчани им ветуваат покриен олимписки базен. Овој објект е вметнат во урбанистичкиот план на градот, а изготвена е и проектна документација за неговата реализација. Базенот треба да биде со димензии од 25 метри во широчина, 53 метри во должина и со максимална длабочина од 2,05 метри. Доколку се пронајде заинтересиран инвеститор во иднина, спортскиот објект би се градел кај градското шеталиште, во близина на спортската сала „Младост“. Досега пропаднаа два обида на Општината за привлекување приватен партнер за остварување на овој проект.