Укинување на надоместокот за плаќање на општинското градежно земјиште од страна на инвеститорите и посебна општинска канцеларија за нивна поддршка при реализацијата на производствени погони се поволностите што ги нуди општина Македонска Каменица во новата индустриска зона во источна Македонија. Локалната самоуправа изготви проектна документација за локацијата со површина од 10 хектари, на која во иднина е предвидено да се изградат објекти од лесната и незагадувачка индустрија.
* извор: Општина Македонска Каменица
Општина Македонска Каменица ќе ги покрие сите трошоци за изведба на патната, водоводната, канализационата и електродистрибутивната инфраструктура, истовремено ослободувајќи ги инвеститорите од плаќање на парцелите на кои тие се заинтересирани да градат. За непречена реализација на вложувањата, локалната власт предвидува и давање помош на инвеститорите во текот на целата постапка, од добивањето на одобренија за градење до отпочнувањето на производството. Очекувањата се дека со ваквите мерки во градот ќе се развијат и други индустриски гранки, покрај неколкудецениската препознатливост на Македонска Каменица по рударството.