Претходна статија
Нема да има промена на фасадите на ГТЦ и на зградата на ЕВН
Следна статија
Новата фабрика на „Кромберг и Шуберт“ ќе отвори работа за 2.500 лица

Сплетки со отуѓувањето на парцелата за објектот со шпански скали на плоштадот „Македонија“

Објавено на 18.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Продажбата на последната слободна парцела на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје добива нови димензии. „Амадеус девелопмент“, зад кои стои албанската компанија „Амадеус груп“, би можела да се соочи со проблеми при изградбата на барокниот деловен објект. Дел од медиумите објавија информации дека отуѓената парцела е во сопственост на Гомбар Алојз, внук на Мајка Тереза. Документацијата за докажување на сопственоста на земјиштето денеска тој му ја презентираше на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, кој најави дека на следната седница на советот ќе се разгледаат неговите тврдења. Гомбар Алојз објави албански документ издаден пред 60 години во Тирана, во кој мајката на Мајка Тереза му го препишува земјиштето на неговиот дедо Антон Јосифовски.

 

* Ќе се узурпира ли повторно просторот за движење на плоштадот? фото: архива на „Билд“

 

 

На ваквите тврдења што ја оспоруваат државната сопственост на атрактивната парцела, со реакција денеска излезе и Министерството за транспорт и врски. Во соопштението до медиумите тие го доставуваат имотниот лист и списокот за нумерички податоци за формирање на градежната парцела. Оттаму тврдат дека продажбата на градежните парцели се врши откога ќе се комплетира целосната документација и ќе се утврди нивната имотно – правна состојба. Во меѓувреме, тече рокот што е определен за уплата на финансиските средства во висина од над 1,5 милиони евра, кои „Амадеус Девелопмент“ е обврзана да ги уплати за да се стекне со сопственост на земјиштето. По овој чекор ќе следи потпишувањето на договор за купопродажба меѓу двете страни.

 

Препукувањата меѓу општина Центар и Министерството за транспорт и врски траат веќе трет ден. Градоначалникот Жерновски веќе неколку пати го повтори својот став дека нема да издаде одобрение за градење на „Амадеус Девелопмент“ бидејќи објектот се наоѓа надвор од градежните линии што се зацртани со ДУП „Мал Ринг“. Од министерството пак велат дека идејниот проект за зданието е во согласност со урбанистичкиот план, како и дека неговата градежна линија би можела да се утврди по изработката на главниот проект од инвеститорот. На парцелата со површина од 1.046 метри квадратни, лоцирана помеѓу „Сити Галери“ и објектот „Пелистер“, треба да никне деловна зграда со приземје и три ката, во чии рамки ќе бидат изведени и шпанските скали.