Градежната компанија „Бетон“ од Скопје ќе санира локални патишта во североисточниот и полошкиот регион од земјава. Финансиската конструкција на зафатот изнесува 256.702.906 денари, односно над 4,1 милиони евра. Според објавените податоци на веб – страницата на Македонската берза, Агенцијата за државни патишта потпишала два договори за реконструкција на постоечката патна инфраструктура. Со првиот договор е предвидена рехабилитација и подобрување на регионалните патишта од североисточниот регион на Македонија, кои се дел од третата фаза на ЛОТ 1. Вкупната вредност на овој договор изнесува 123.599.864 денари или околу 2 милиони евра.
Покрај овој договор, пред неколку дена беа објавени и податоците за реконструкција на локалните патишта од полошкиот регион, кои се вклучени во третата фаза од ЛОТ 2. Од буџетот на Агенцијата за државни патишта за оваа намена се одвоени 133.103.042 денари или над 2,1 милиони евра.