Претходна статија
Греењето во индивидуална режија е оптимално решение за македонските домаќинства
Следна статија
Ќе се реконструира скопската болница „Св. Наум Охридски“

ФОТО ВЕСТ: Зданијата од „Свети Климентовиот универзитет“ го совладаа просторот на Плаошник

Објавено на 15.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Речиси една година по поставувањето на темелите, градежната оператива на охридски „Митан пром“ и битолски „МЗТ инженеринг“ забрзано ги изведуваат активностите за изградба на „Свети Климентовиот универзитет“ на локалитетот Плаошник во Охрид. Бетонските градби од источната и од западната страна кај црквата на Плаошник веќе доминираат во просторот, иако сè уште се работи на подигање на првите два ката од конструкцијата на двата објекта. Остварувањето на проектот за возобновување на некогашниот универзитет започнаа со подигање на Музејот на Плаошник, Свети Климентовата библиотека и на останатите објекти од првата фаза лоцирани западно од црквата на Плаошник.

 

###

 

 

Источно од црквата во моментов се гради Манастирскиот конак и Резиденцијалниот објект коишто се дел од втората фаза од реализацијата на проектот. За непречено одвивање на градежните активности е пробиен земјен пат кој се движи низ шумскиот предел од западната страна на ридот и на тој начин механизацијата не навлегува во стариот дел на Охрид. Управата за заштита на културното наследство преку два склучени договори досега издвоија финансиски средства во висина од 11,3 милиони евра за изградба на овој комплекс, додека за неговото целосно завршување ќе бидат потребни минимум 24 милиони евра.

 

###

 

 

Во согласност со проектната документација, „Свети Климентовиот универзитет“ треба да се состои од следниве објекти: Богословски факултет, Манастирски конак, Резиденцијален објект, Компјутерски центар, Афилијации на светски универзитети, Музеј на Плаошник, Свети Климентова библиотека и неколку други содржини. Проектот треба целосно да се заврши најдоцна до 2016 година. Идејата за возобновување на најстариот универзитет е стара неколку години, а почетокот на изградбата формално беше означен уште во 2010 година.

 

###

 

 

» Форумска дискусија за овој проект