Претходна статија
Новата фабрика на „Кромберг и Шуберт“ ќе отвори работа за 2.500 лица
Следна статија
И во Македонска Каменица ќе никне индустриска зона

Руини го запоседнаа Градскиот парк во Скопје

Објавено на 20.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Локалните власти заборавија на недоградените и срушени објекти во Градскиот парк во Скопје. Недовршени угостителски објекти и остатоци од стари градби како Кермес“, „Езерце“ и кајакарскиот клуб ги окупираа и ги нагрдуваат стариот и новиот дел на паркот кој претставува простор за одмор и рекреација на граѓаните. Угостителскиот објект „Езерце“ повеќе од три години останува локација на која несовесните граѓани вршат нужда и фрлаат отпадоци околу руините на некогаш среденото место. Од општина Центар, која е сопственик на земјиштето, велат дека постои интерес за вложување во повторна изградба на ресторанот од домашни компании, но и од инвеститори од САД, Италија и Шпанија.

 

##

 

 

По пат на пронаоѓање на приватен инвеститор, ќе се уреди партерот помеѓу двата моста во стариот дел на паркот и ќе се изгради ресторанот. „Наскоро општина Центар ќе распише конкурс за избор на идејно решение за некогашниот ресторан „Езерце“ и за негово партерно уредување. По ова ќе се одлучува по принцип на концесија на целиот простор“, велат за „Билд“ од Општината. На само стотина метри од ова место се наоѓаат и темелите на објектот „Кермес“, кој и повеќе од осум години не може да го добие предвидениот изглед. Иако изграбата започна пред неколку години, поради одлуката за стопирање на градбата од општина Центар дојде до прекинување на изведбата.

 

##

 

 

Објектот „Кермес“ во постоечкиот урбанистички план е прогласен за дивоградба, а во моментов се одвива и судска постапка за оваа атрактивна локација. Во меѓувреме, просторот е обраснат со висока трева и граѓаните го користат како јавен тоалет. За разлика од „Езерце“, локалната власт од Центар вели дека засега е немоќна да дејствува за оваа локација. „За ова се води судски процес и сè додека тече судската постапка не може да се преземе ништо“, истакнуваат од општина Центар.

 

##

 

 

Третиот објект што останува недограден е објектот на кајакарскиот клуб во новиот дел на паркот, за кој пред четири години се изгласа урбанистичкиот план од општина Карпош. Иако просторот е наменет за изградба на угостителски објект, засега приватниот инвеститор ја користи локацијата како спортска арена за тактичка борба. Недоградениот објект во новиот дел од Градскиот парк зјае со полузавршен покрив, недовршена фасада и ентериер. Од предвидениот угостителски објект нема трага, иако просторот е ограден од сопствениците. Се чини дека општините Центар и Карпош, во соработка со Градот Скопје, во иднина треба да поработат на средување на овие локации што го нагрдуваат ликот на Градскиот парк.