Од денеска во функција е ставен новиот објект на Казнено – поправниот дом „Куманово“ во селото К`шање, со вкупна површина од над 5.000 метри квадратни и капацитет за 250 лица. Вкупните финансии за реализација на проектот изнесуваа 234 милиони денари, односно околу 3,8 милиони евра. Инвестицијата е дел од поширокиот проект за изградба и реконструкција на казнено – поправните установи во земјата кој тежи вкупно 52 милиони евра и е поддржан со заем од Банката за развој на Советот на Европа.
Камен темелник за кумановскиот затвор беше поставен во јули 2007 година, речиси три години пред објавувањето на големиот проект за реконструкција на постојните и изградба на нови затвори во државава. Во таа пригода тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, најави дека новиот затвор ќе профункционира во рок од една година. Сепак градежните работи се пролонгираа и се изведуваа во две фази. Во правата фаза (во периодот од 2008 до 2009 година) беше изградена затворската зграда, трафостаницата и пречистителната станица, додека во втората фаза (која започна во 2011 година) беа изградени посебен дел за прием и контрола на лица и пратки, дел за администрација, матично одделение за прием, регистрација и архива, гаража и енергетски блок, простории за остварување посети на осудените и притворените лица, посебна амбуланта, кујна, трпезарија и перална, посебна просторија за задоволување на верските потреби, работилница за работно ангажирање на осудените лица, како и спортски терени.
„Значајно е да спомне дека установата има свој посебен систем за затоплување, посебен систем за водоснабдување, како и сончеви колектори за загревање на санитарната вода за потребите на кујната и бањите за осудените лица. Целиот затворски комплекс е ограден со ограда висока 4 метри, а во установата е вградена и најсовремена техничка апаратура за видеонадзор.“ истакна премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на денешното отворање на новиот затвор.