Ј.П. „Градски пазар“ од Охрид објави оглас за изработка на физибилити студија за инвестирање по пат на јавно – приватно партнерство за изградба на покриен градски пазар на местото на досегашниот отворен пазар на булеварот „Туристичка“ во центарот на градот. Консултантските куќи треба да ги достават своите понуди за изготвување на документацијата најдоцна до 1 октомври, за кога е закажано нивното јавно отворање. Од Општина Охрид денеска излегоа со информација дека камен – темелникот на новиот објект со висина од четири ката ќе биде поставен околу новогодишните празници. Во изминатиов период целосно е комплетирана урбанистичко – планската документација.
По изработката на физибилити – студијата треба да следи објавување на оглас за избор на приватна компанија што ќе го изгради новиот градски пазар. Причината за ваквиот начин на реализација на проектот лежи во фактот што локалната власт нема доволно финансиски средства за самостојно да го реализира објектот. Паркинг простор за потребите на пазарџиите и купувачите ќе биде обезбеден во катна гаража веднаш до пазарот, која Општината планира да ја реализира исто така по пат на јавно – приватно партнерство.