Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија е против предложените измени на Законот за градење во делот што се однесува на сеизмиката. Во испратеното писмо до министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески се нагласува дека законските измени се технички неиздржани и можат да создадат монополска позиција на пазарот во полза на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Во писмото на претседателот на Комората Блашко Димитров се вели дека ваквите измени на легислативата ќе доведат до можност за значително пролонгирање на роковите за проектирање и добивање на одобренија за градење, а документацијата ќе биде задолжителна за апсолутно сите градби на територијата на земјава, од индивидуални куќи до мостови и брани.
Со предложените измени се предвидува воведување на задолжителна дополнителна контрола од аспект на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите. За секоја градба со површина од над 300 метри квадратни би било задолжително да се изготват три дополнителни сеизмички мислења, меѓу кои е и она во текот на изведба на 50% од носивиот конструктивен систем. „Предложените измени се практично неспроведливи и технички неиздржани бидејќи не е можно да се прави контрола на сеизмичка стабилност на делумно завршен објект од 50% бидејќи не постои проект за 50% изведеност врз основа на што би се вршела споредба на резултатите“, се нагласува во јавно објавеното писмо во августовскиот број на списанието „Пресинг“.
Обвинувањата на Комората ги отфрлаат од ИЗИИС. Директорот на институтот Михаил Гаревски во изјава за денешниот број на „Дневник“ тврди дека нема да настане монопол на пазарот во делот на изготвување на неопходната документација за сеизмичка стабилност на објектите, напоменувајќи дека Законот за наука дозволува тројца доктори на наука да формираат институција. Иако писмото на Комората е испратено пред еден месец, засега од Министерството за транспорт и врски не излегуваат во јавноста со конкретна реакција на ваквите ставови на градежниците.
Измените на Законот за градење предлагаат високи казни за изведувачите на објектите и за инженерите доколку ја немаат обезбедено целокупната документација за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата.