Скопската „Адора Инженеринг“ и кичевската „Глиц Груп“ денеска го отворија новиот трговски центар во станбената населба Лисиче, во скопската општина Аеродром. Двата деловни партнера успеаја да го изградат комерцијалниот објект со површина од 3.500 метри квадратни во рок од 9 месеци. Според информациите од „Адора Инженеринг“, трговски ланец на продавници „Рамстор“ ќе стопанисува со ова здание, во чии рамки е вклучен и деловен простор, со вкупна површина од 850 метри квадратни.
Новиот трговски центар има два влеза, врска со булеварот „Видое Смилевски – Бато“ и сопствено паркиралиште за посетителите. Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се задоволат потребите на граѓаните од новите згради во станбената населба Лисиче, која што интензивно се гради во изминативе неколку години. Изведбата на деловно – трговскиот центар започна на крајот од декември минатата година.