Иако градежните активности на локацијата се во тек од пред два и пол месеци, денеска со поставување камен-темeлник, премиерот Груевски и министерот Милошоски официјално го означија почетокот на изградбата на новиот објект на Министерството за надворешни работи. Објектот ќе се наоѓа на просторот од левата страна на Вардар, кај аголот помеѓу улицата Стив Наумов и кејот. Ќе има две подземни нивоа, приземје, седум ката, рамна тераса и купола, со вкупна висина од 27 метри и ќе располага со површина од 13.500 метри квадратни. Автори на идејното решение за новата административна зграда, која е во духот на проектот Скопје 2014, се Благоја и Лидија Стојановски.
Според најновите информации, инвестицијата изнесува 830 милиони денари односно околу 13,5 милиони евра, средства кои ќе се издвојат во две буџетски години. Рокот за извршување на градежните активности е 18 месеци, изведувач е Бетон Скопје, а надзорот ќе го врши Евро Консалтинг Скопје. Министерството за надворешни работи во неговото сегашно седиште се соочува со голем број проблеми поради недоволен простор за извршување на обврските и надлежностите, како и несоодветен паркинг, а вработените во Министерството се распределени на повеќе локации за кои државата издвојува значителни средства за закупнина.
Форумска дискусија за овој проект –> овде