Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска објави повик за ангажирање на консултант за изработка на физибилити – студија и имплементација на проектот за модернизација на РЕК „Осломеј“. Доколку земјава во иднина сака да го задржи во работа овој значаен енергетски објект, ќе мора да инвестира во осовременување на неговите капацитети. Постоечката кондиција на РЕК „Осломеј“ е лоша, како последица на ниската калорична вредност на јагленот, малите резерви на јаглен, ниската стапка на ефикасност во производствениот процес и на незадоволувањето на стриктните барања на ЕУ за ограничување на емисијата на издувни гасови.
Како најреален излез од оваа негативна состојба се гледа во воведување на нова технологија во производствениот процес или поконкретно, ползувањето на природниот гас како енергенс во добивањето електрична енергија. Од ЕЛЕМ имаат визија за изградба на нова комбинирана гасна електрана со моќност од 375 мегавати, која би се состоела од нова гасна турбина со моќност од 250 мегавати и генератор, како и од осовременување на постоечката опрема. Вкупната инвестиција во комбинираната електрана засега е проценета на 200 милиони евра. Сепак, за остварување на ваквата замисла најпрво ќе мора да се изгради магистралниот гасоводен крак од Скопје кон Кичево.
За добивање на појасни и веродостојни податоци во која насока би се одвивала модернизацијата, од ЕЛЕМ се подготвени на консултантите да им овозможат рок од 44 месеци за изработка на физибилити – студијата. Заинтересираните консултантски компании треба да ги достават своите понуди за учество на тендерот најдоцна до 30 октомври, за кога е закажано и нивното јавно отворање.