Општина Аеродром од денеска добива уште парк, прв на територијата на населеното место Горно Лисиче. Македонскиот претседател Ѓорѓи Иванов и градоначалникот на општината Ивица Коневски го предадоа во употреба паркот „Бановина“, со површина од околу 6.500 метри квадратни. Во изминативе шест месеци овој простор беше целосно хортикултурно и партерно уреден со зеленило на површина од околу 3.000 метри квадратни, сочинето од висока и ниска вегетација.
Новата локација за прошетки и одмор на граѓаните е збогатена со езеро на две нивоа, пешачки мост и видиковец, а за рекреација на најмалите жители е изградено детско игралиште. Во рамките на паркот се изведени пешачки патеки, инсталирано е енергетски – ефикасно осветлување и поставени се корпи за отпадоци, чешми за вода, клупи и жардиниери. Во паркот „Бановина“ се вложени околу 35 милиони денари од буџетот на општината. Изведувач на градежните работи беше фирмата „Урбан инвест“ од Кавадарци.
Општина Аеродром во изминативе неколку години инвестираше во изградба на седум големи паркови, со вкупна површина од околу 80.000 метри квадратни на нејзината територија. Најголем предизвик за локалната власт во претстојниот период е најавениот рајски парк што би се простирал на површина од 25 хектари.