Денеска беше свечено отворено новото основно училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар „Аеродром“, со капацитет за 800 до 1.000 ученици. Објектот со површина од 5.300 метри квадратни има 14 училници и четири кабинети, распоредени на три нивоа. Во негови рамки се наоѓа и спортска сала со површина од 420 метри квадратни. Од државниот буџет за изградба на училиштето се вложени 130 милиони денари или преку 2 милиони евра, додека со финансиски средства на општина Аеродром е набавена целокупната опрема и е изведено хортикултурното уредување на школскиот двор. Градежните активности врз објектот траеја две години и ги изведуваше скопски „Бетон“. Со реализацијата на овој проект, значително ќе се намали преоптовареноста на останатите образовни установи на територијата на оваа скопска општина.