Цената за изградба на подземната сообраќајница во центарот на Скопје за двојно ја надмина првичната финансиска конструкција на проектот. Наместо планираните 32 милиони евра, домашните и странските компании во своите понуди доставија суми од 67 до 92 милиони евра за изведба на трасата од мостот „Гоце Делчев“ до булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“. Според информациите на телевизија „Алфа“, најповолна понуда во износ од 67.227.284 евра на меѓународниот тендер доставил македонско – италијански конзорциум, составен од скопската компанија „Бауер БГ“ и италијански „Вианини Лавори“. Второпласирана е украинската компанија „Метробуд“, која би можела целосно да ги комплетира градежните работи за 71.154.471 евра.
Македонскиот конзорциум, сочинет од скопските компании „Бетон“ и „Гранит“ и од струмички „Жикол“, се понудил да го реализира проектот за 88.545.073 евра, додека конзорциумот на бугарски „СК-13“ и португалската компанија „Лена“ доставил понуда во вредност од 92.195.121 евра. Битката за избор на најповолен понудувач ќе се води помеѓу овие четири субјекти, иако на повикот од Град Скопје документација подигнале 37 домашни и странски фирми. Субјектите што ќе ја поминат првата етапа од селекцијата ќе можат да учествуваат на електронското јавно наддавање, на која тие ќе треба повторно да понудат најниска цена за да го добијат проектот.
Сообраќајницата ќе биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри ќе бидат под земја, додека останатите 400 метри ќе бидат над земја и предвидено е таа да има по една коловозна лента во секој правец. Оптимистичкото сценарио за инвестицијата во овој инфраструктурен проект веќе придонесе Градот Скопје на крајот од јули годинава да се задолжи за дополнителни 4,8 милиони евра кај банките.