Една година подоцна од предвиденото, министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го пушти во употреба новото основно училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани. Образовниот објект се простира на површина од 2.450 метри квадратни и е изграден во согласност со традиционалната вевчанска архитектура. Во значајниот проект за оваа општина се инвестирани 65 милиони денари или над милион евра од државниот буџет и од донација на државната компанија МЕПСО. Зданието има капацитет да прими преку 600 ученици, а плановите предвидуваат од наредната година во него да функционираат и две паралелки за средно образование. Покрај училници и кабинети за следење на наставата, во рамките на новото училиште ќе бидат сместени библиотека, просторија за фолклорна и ликовна секција, трпезарија и млечен ресторан.
„При изработката на проектот, се водеше внимание училиштето да ги задоволи сите критериуми и стандарди за квалитет, но и да се вклопува во околината. Така денеска стоиме пред зграда која има традиционален македонски стил, карактеристичен за Вевчани и целосно одговара на амбиентот на ова живописно место“ , изјави министерот Спиро Ристовски. Во изминатите седум години, младите жители на општина Вевчани немаа достоен објект за изведување на образовниот процес.