Зафатот за реконструкција и модернизација на железничките делници Миравци – Смоквица и Куманово – Табановце, кои се дел од пан – европскиот Коридор 10, е еден од проектите на кој беше ангажиран сега веќе банкротираниот австриски градежен гигант „Алпине Бау“ во Македонија. Проектот тежок 7 милиони евра сепак ќе биде реализиран во предвидениот рок со оглед на тоа дека германската компанија „Вибе“, која беше партнер на „Алпине Бау“ во конзорциумот кој ја доби зделката, после краткиот застој во јуни самостојно ги продолжи градежните активности на терен. Ремонтот на пругата помеѓу Миравци – Смоквица со должина од 12,5 километри е веќе завршен, а на сегментот Куманово – Табановце со должина од 11,6 километри остануваат да се довршат уште неколку километри. Од Македонски Железници – Инфраструктура очекуваат зафатот да биде целосно заокружен во октомври.
Во рамки на реконструкцијата, финансирана со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), се врши санација на долниот строј на пругата и поставување на геотекстил и геомрежа, подобрување на техничките карактеристики на горниот строј на пругата преку замена на дрвените прагови со нови армирано – бетонски, замена на шините и положување нов толчаник. Исто така со зафатот е опфатена обнова на горниот строј на 11 патни премини во ниво и поставување на нови армирано – бетонски перони на железничките станици Карпош, Милетково и Стара Смоквица. Со проектот ќе се подигнат брзините на возовите на овие делници до 120 километри на час.