Претходна статија
Потрага по вода на Водно за планираниот ски - центар
Следна статија
Отворена најголемата слободна економска зона во Македонија

Поништена зделката за „Дрисла“ тешка 74 милиони евра

Објавено на 22.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Управниот суд ја објави пресудата со која го поништи договорот помеѓу Град Скопје и италијанскиот конзорциум составен од „ФЦЛ Амбиенте“ (FCL Ambiente SRL) и „Униеко“ (Unieco SCC COOP) за концесионирање на депонијата „Дрисла“. Тужбата пред Управниот суд ја поведе конзорциумот предводен од германски „Шолц“ (Scholz AG) кој беше второрангиран во постапката. Во моментов се разгледува жалбата што ја поднеле градските власти, по што ќе се знае конечниот исход на зделката со која се најавуваше 35-годишно партнерство со Италијанците.

 

Како причини за поништување на договорот, од Управниот суд ги наведуваат неправилностите во тендерската постапка – избраниот кандидат не ги исполнувал критериумите, бидејќи бил во постапка на стечај и ликвидација, односно во лоша финанскиска состојба заради која не можел да ги исполнува обрските кон добавувачите. Тој немал ниту доказ дека е регистриран за вршење на концесиска дејност, односно депонирање на отпад.

 

Договорот помеѓу Град Скопје и италијанскиот конзорциум беше потпишан на 4 јануари годинава, а две недели подоцна „Дрисла“ од јавно претпријатие беше трансформирана во ДОО во сооднос 80-20 во корист на Италијанците. Партнерството требаше да резултира со современ третман на скопското ѓубре. Најавена беше инвестиција од 74 милиони евра – најпрвин требаше да се започне со интервенции за модернизација на депонијата и да се спроведе истражувачки процес, со цел да се изработи финален проект за безбедно одлагање на собраниот отпад и зачувување на животната средина. Во рок од четири до пет години предвидено беше да стартува изградба на фабрика за селекција и рециклирање на отпад и производство на енергетско гориво, како и фабрика за спалување на отпадот од која може да се произведе топлинска и електрична енергија.