Претходна статија
Субвенцијата за половина учество од проектот „Купи куќа, купи стан“ стана неповратна
Следна статија
Логистички центар ќе никне во Ќојлија

Започна изградбата на првата термоелектрана на биогас во Македонија

Објавено на 13.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Тетовската компанија „Везе Шари“ преку својата сестринска фирма „Електро Шари“ денеска со камен – темелник го означи почетокот на изградбата на првата термоелектрана на биогас во Македонија, која ќе биде лоцирана во тетовското село Требош, општина Желино. Проектот на инвеститорот предвидува да се користи органскиот отпадок од постоечката индустрија за добивање на биогас, кој ќе се употреби како енергенс за производство на електрична енергија. Термоелектраната ќе има моќност од 999 kW, а годишното производство е планирано да изнесува 7.950.000 kWh. Биогасот, како обновлив извор на енергија, ќе се добива од ферментација на биомасата, која претставува биоразградувачки дел на производите, отпадот и остатоците од растителни и животински супстанци, нус – производи од шумската индустрија и од индустрискиот и комуналниот отпад. Во овој проект е зацртано да се вложат 5 милиони евра.

 

Министерот за економија Ваљон Сарачини на свеченоста истакна дека проектот доаѓа по создавањето поволни услови за привлекување инвестиции во овој сектор. „Во Република Македонија, како претендент да стане дел од Европската Унија, пропишана е повластена тарифа за производство на електрична енергија од термоелектроцентралата што како погонско гориво користи биогас, која во изминатиов период во неколку наврати е зголемена, со цел поголеми инвестиции во овој сектор. Повластената тарифа за електрична енергија произведена и испорачана од термоелектроцентрали што користат биогас изнесува 18 евроценти за kWh и истата е со времетраење од 15 години“, изјави Сарачини. Македонската влада на почетокот од април годинава се одлучи да ја зголеми повластената цена за откуп на електрична енергија од објектите што го користат биогасот од 15 на 18 евроценти за киловат – час.