Претходна статија
Се продава земјиште за изградба на згради и куќи во општина Аеродром
Следна статија
На плоштадот „Македонија“ ќе се врати некогашната коцка и ќе се гради нова фонтана

Граѓаните ќе можат да го откупат земјиштето под легализираниот објект и без урбанистички план

Објавено на 07.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес – конференција информираше дека со новите измени на Законот за градежно земјиште на граѓаните им се овозможува да го откупат земјиштето под легализираниот објект без донесен урбанистички план од страна на општините. Оваа мерка е особено значајна за жителите од руралните населени места во земјава, во кои локалните самоуправи немаат донесено детални урбанистички планови што треба да ги опфатат изградените објекти. „Со измените на Законот се овозможува и во случај да нема детален урбанистички план граѓанинот што има легализирано објект првин да си го откупи земјиштето под објектот. Кога ќе се донесе планот ќе може да се откупи и преостанатото земјиште“, изјави министерот Јанакиески.

 

Покрај за оваа поволност за граѓаните, на средбата со новинарите беа презентирани и останатите измени на законите за градење и градежно земјиште. На веќе отпочнатиот проект за електронско издавање на градежни дозволи во наредниот период ќе се надоврзат и сите останати постапки предвидени со Законот за градење. Во измените на легислативата е зацртано граѓаните по електронски пат да обезбедуваат одобренија за реконструкција, дозволи за доградба и останати документи. Министерот Јанакиески информираше дека по електронски пат досега се издадени пет одобренија за градење, додека од 1 ноември целиот систем за издавање на градежни дозволи ќе се врши по електронски пат. Тој нагласи дека над 90 проценти од локалните самоуправи се подготвени за електронското издавање на одобренија за градење.

 

Со измените на законската регулатива за градежното земјиште, предвидено е по електронски пат да се доставуваат апликациите од заинтересирани лица при продажбата на градежното земјиште. Целокупната документација за понудените градежни парцели ќе биде поставена на веб апликацијата и ќе им биде достапна на купувачите на локациите за градба. На овој начин, отуѓувањето на земјиштето ќе се одвива целосно по електронски пат. Новина е и измената со која се предвидува при раскинување на договорот за купопродажба на парцелите, 80 проценти од уплатените финансиски средства да не им бидат вратени на најповолните понудувачи. Предложените законски измени треба да бидат усвоени од парламентот најдоцна до крајот на октомври годинава.