Градот Скопје го започна процесот за проширување на улицата Трета Македонска Бригада во општина Аеродром преку распишување на тендер за реализација на првата фаза од проектот. Значајната сообраќајна врска, која што населбата Лисиче ја поврзува со центарот на Скопје, во иднина треба да прерасне во булевар со четири коловозни ленти и со средишно зеленило со вкупна должина од 2.100 метри. Со распишаниот оглас најпрвин се предвидува да се прошират 1.243, за што се обезбедени финансиски средства во овогодинешниот буџет на Градот. Покрај неопходните средства за градежните активности, со проектот е предвидено да се обештетат и сопствениците на околното земјиште на кое минува трасата на идниот булевар.
Освен проширувањето на постоечката улица со две дополнителни ленти, со градежниот зафат е планирано да се постави ново улично осветлување долж целата траса, фекална и атмосферска канализација, како и коридори за топловод, гасификација и оптичка врска. Заинтересираните градежни компании треба да ги достават своите понуди за учество на тендерот најдоцна до 26 август до Одделението за јавни набавки при Град Скопје. Со остварувањето на овој проект, жителите на општина Аеродром ќе добијат втора директна булеварска врска со центарот на градот, покрај постоечкиот булевар Јане Сандански.