Претходна статија
Германски кредит од 35 милиони евра за македонската енергетика
Следна статија
Отворен Паркот на бранителите во Драчево

Скопје конечно доби центар за управување на сообраќајот

Објавено на 26.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од денеска во главниот град во пробна работа е пуштен новиот Центар за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС), којшто е лоциран во Транспортниот центар, односно во просториите на Меѓуградската автобуска станица. Преку ЦУКС ќе се врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, 24 часа седум дена во неделата, ќе се управуваат семафорите, ќе се следи работата на светлосните сигнали во реално време, ќе се дава приоритет на возилата од јавниот градски превоз и визуелно ќе се следи сообраќајот. Исто така до возачите ќе се проследуваат информации за состојбата со сообраќајот во реално време преку сообраќајни знаци со променлива содржина. Во прво време е предвидено поставување на пет вакви дигитални знаци.

 

Со Центарот за управување и контрола на сообраќајот веќе се поврзани 30 крстосници. На околу 90 крстосници во коловозот се инсталираат детектори кои ќе бројат и детектираат возила, се поставуваат 50 камери преку кои ќе се врши визуелен мониторинг на сообраќајните текови и се инсталираат 47 нови семафорски контролери. За меѓусебно поврзување на крстосниците, како и нивно поврзување со ЦУКС е предвидена оптичка мрежа. Изведувач на работите е „СВАРКО“ (SWARCO) од Германија, со подизведувач „Елком констракшн“ од Скопје, додека софтверот за адаптивна контрола и управување на сообраќајот е набавен од „МИЗАР Аутомационе“ (MIZAR Automazione S.p.A) од Италија.

 

###

 

 

Формирањето на овој центар е дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје кој се реализира со заем од Европската банка за обнова и развој (EBRD) во износ од 2,6 милиони евра, грант од ЕУ ФП7 програмата за истражување и развој во рамки на проектот ЦИВИТАС – РЕНЕСАНСА во износ од околу 220.000 евра, како и со техничка помош од Австриската влада во висина од околу 700.000 евра.

 

Скопје долго чекаше да го добие својот Центар за управување и контрола на сообраќајот. Најавите и ветувањата се постари од пет години,  а одлуката за задолжување кај Европската банка за обнова и развој градските власти ја донесоа уште во јануари 2010 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект