Со германска финансиска поддршка од 35 милиони евра ќе се реализираат два значајни енергетски проекти на АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Денес беше потпишана Спогодба помеѓу владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија за финансирање на Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии фаза III, како и договор за заем меѓу германската КфВ банка и ЕЛЕМ. За доизградба на Паркот на ветерни електрани „Богданци“ ќе бидат искористени 15 милиони евра, а останатите 20 за реализација на проектот за ревитализација на ХЕ „Шпиље 2“.
Заемот е со рок на отплата од 12 години, со грејс период од три години и фиксна каматна стaпка од 2,5 проценти. Со средствата целосно ќе се заокружи финансиската конструкција за реализација на Паркот на ветерни електрани „Богданци“, и ќе зголеми моќноста на ХЕ „Шпиље 2“ со што за 70 мегават часови ќе порасне и годишното производство од оваа хидроелектрана.
Претходно од КфВ банката веќе беа обезбедени 32,9 милиони евра за реализација на Ветропаркот „Богданци“, со што заедно со дополнителните 15 милиони евра, вкупната германска поддршка за проектот ќе биде речиси 48 милиони евра, а 7,5 милиони ќе бидат сопствено учество на ЕЛЕМ, иако првично се планираше ЕЛЕМ да обезбеди сопствени средства во висина од 22,6 милиони евра.
Во моментов се работи на изведбата на потребната инфаструктура и придружни објекти за ветропаркот „Богданци“. Производителот на ветерниците, „Siemens Wind“ од Данска во конзорциум со грчки „Siemens AS“ веќе ја почна нивната испорака. Во моментов тие се наоѓаат во Солун, а според воспоставената динамика нивната монтажа на терен се очекува да почне кон крајот на идниот месец. Ако се оди според предвиденото, на крајот на годинава ветерниот парк би требало да биде вклучен во електро – енергетскиот систем на Македонија.
„Со денешното потпишување на Спогодбата се обезбедуваат финансиски средства потребни за реализација на заначајни проекти во делот на обновливите извори на енергија со кои ќе успееме да се приближиме кон целта, 20 проценти од македонското производство на електрична енергија да биде од обновливи извори на енергија заклучно со 2020 година“ рече вицепремиерот и министер за финансии Ставрески во денешната пригода. Претставничката на КфВ за Македонија Естер Гравенбихтер нагласи дека во изминатиот период преку банката во Македонија се инвестирани 270 милиони евра.