Министерството за транспорт и врски, во соработка со локалните самоуправи и со останати институции, објави оглас за продажба на девет градежни парцели за изградба на бензински пумпи долж патниот Коридор 10. На приватните инвеститори им се нудат локации во општините Велес, Штип, Свети Николе, Демир Капија, Градско и Росоман. Во Велес се нуди земјиште со големина од 39.840 и од 49.271 метри квадратни, додека во Свети Николе се отуѓуваат две парцели со површина од 41.094 и од 58.820 метри квадратни. Во соработка со тамошните општини, во Демир Капија се нуди локација со големина од 21.591 метри квадратни, во Градско на продажба е огласено место со површина од 27.928 метри квадратни, во Росоман се отуѓува парцела од 38.054 метри квадратни, а во Штип се нудат преостанатите две градежни парцели.
Крајниот рок за пријавување на заинтересираните инвеститори е 27 август. Во наредниот период ќе бидат објавени уште две локации во општините Прилеп и Вевчани, а во финална фаза е постапката за понуда на уште четири парцели во Пехчево, Кавадарци, Прилеп и Валандово. Покрај бензински пумпи, инвеститорите ќе имаат можност да вклучат и содржини, како што се мотел, ресторан и паркинг простор.