Претходна статија
За 18 месеци ќе биде завршен патот до Сончев град
Следна статија
Продадени четири парцели за изградба на станбени згради во Аеродром

Кракот од „Јужен поток“ ќе го гради заедничка компанија основана од „Газпром“ и „Македонски енергетски ресурси“

Објавено на 23.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и рускиот министер за енергетика денеска во Москва го потпишаа договорот за соработка помеѓу Македонија и Руската Федерација за изградба на крак од гасоводот „Јужен поток“ за испорака на природен гас во земјава. Според информациите од руската новинска агенција ИТАР – ТАСС, потпишана е двострана согласност за соработка при изградбата на овој важен инфраструктурен објект за Македонија. Овој медиум ги пренесува информациите од руското министерство за енергетика, во кои се вели дека во случај на потврдување на целисходноста за изградба на гасоводот преку анализираните резултати, подготвени до проектирањето на кракот, руски „Газпром“ и домашната „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) ќе основаат заедничка компанија за реализација на проектот, во која двете страни ќе имаат по 50% од акциите. Во иднина, акциите на оваа компанија би можеле да се продаваат, со што би се привлекле нови инвеститори во проектот.

 

Трасата на гасоводниот крак и неговата пропусна моќ ќе се определат врз основа на изготвената анализа. Обемот, условите и рокот за доставување на природен гас до Македонија ќе бидат наведени во потпишаните договори помеѓу „Газпром“ и МЕР. Правата за искористување на целиот капацитет на гасоводниот крак му припаѓаат на „Газпром“, јавува ИТАР – ТАСС. „Јужен поток“ претставува руски проект за изградба на гасовод во должина од 3.600 километри под Црното море, кој треба да обезбеди нов коридор за пренесување на рускиот гас до европските корисници. До 2018 година овој проект ќе биде целосно завршен. Со реализацијата на гасоводниот крак, Македонија ќе обезбеди доволни количини на природен гас за наредните децении и ќе продолжи да ја развива гасоводната инфраструктура во земјата.