Претходна статија
Агенцијата за државни патишта ги раскина договорите со „Алпине Бау“
Следна статија
Од 1 септември ќе стартува јавниот градски превоз во Прилеп

Објектите ќе се класифицираат според енергетската ефикасност

Објавено на 11.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неодамнешната најава на министерот за економија Ваљон Сарачини за измени и дополнувања во Законот за енергетика, Агенцијата за енергетика денеска излезе со појаснувања во врска со задолжителното имплементирање на мерките за енергетска ефикасност. Оттаму информираат дека сите јавни и станбени објекти поголеми од 500 метри квадратни во иднина ќе добиваат енергетски ознаки групирани во три вида: А, А+ и А++, кои ќе бидат поставувани на самите влезови од објектите. Тие ќе бидат показател за стандардите на енергетска ефикасност што ги поседува секоја зграда. Класата на енергетска ефикасност ќе ја определуваат овластени контроли, кои ќе издаваат сертификати за енергетските карактеристики на секој од објектите во земјава. За реализација на обемниот проект ќе се отворат нови специјализирани компании што ќе ги вршат овие активности. Обуката на првите енергетски контролори ќе започне во септември, а нивната работа ќе стартува најрано во ноември годинава.

 

 

 

 

Покрај во делот на контрола, Македонија во наредните месеци ќе мора да го стартува и процесот за обучување на градежните работници за имплементирање на мерките за енергетска ефикасност во објектите. Земјава ќе може да подигне околу 2,25 милиони евра од фондовите на Европската унија за обука на најмалку 4.600 тренери и градежни работници до 2016 година. Во процесот на стекнување вештини за спроведување на енергетската ефикасност ќе учествуваат 60 македонски институции и околу 30 градежни компании. Македонија е една од последните европски земји во која не е усвоена целосната законска регулатива за задолжително издавање на елаборат за енергетска ефикасност пред почетокот на изведбата и на енергетски пасош пред ставањето на објектите во функција.