Претходна статија
Градскиот плоштад во Пехчево ќе добие нов лик
Следна статија
Нема заинтересирани за изградба на шпанските скали на плоштадот „Македонија“

2,25 милиони евра за обуките за енергетска ефикасност

Објавено на 02.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија од ноември ќе може да повлече средства во висина од 2,25 милиони евра од Европската унија за обука на тренери и градежни работници за спроведување на мерките на енергетска ефикасност во објектите. За обучување на тренери се предвидени 250 илјади евра, додека за обука на градежните работници ќе може да се подигнат финансиски средства во износ од околу 2 милиони евра. Во обемниот проект ќе учествуваат 60 македонски институции и околу 30 градежни компании од земјава кои ќе аплицираат за обука на своите вработени. Пресметките покажуваат дека стекнувањето со стручни вештини на еден работник ќе чини околу 300 евра, во кои фирмата ќе учествува со 10 отсто, а преостанатите средства ќе бидат обезбедени од проектот финансиран од Европската унија.

 

#Со проектот до 2016 година ќе се обучат најмалку 4.600 работници, при што приоритет ќе биде даден на ѕидари, фасадери, теслари, столари и електричари, кои ќе треба да ги усвојат вештините за имплементација на мерките за енергетска ефикасност и поставување на уреди што користат обновливи извори на енергија. Обуките ќе се состојат од тринеделни курсеви на теориска и практична настава, а по завршувањето на едукативниот процес тие ќе можат да аплицираат за добивање звање мајстор. Целокупниот процес ќе се спроведува во рамките на проектот „Build up skills“ и со реализација на документот „Патоказ за градење на капацитети во градежниот сектор“.

 

Официјални информации од Стопанската комора за почетокот на обуките засега нема. Она што со сигурност се знае е дека без нивното задолжително спроведување, земјата ќе се соочи со големи потешкотии во имплементирањето на законите за задолжителна примена на мерките за енергетска ефикасност во новоизградените згради и во објектите за реконструкција. Македонија е една од ретките европски земји во кои не е дополнета законската регулатива за задолжително издавање на елаборат за енергетска ефикасност пред почетокот на градење и на енергетски пасош пред пуштањето во функција на новите објекти.