Проширувањето на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов од крстосницата кај булеварот 8-ми Септември до улицата Московска кај студентскиот дом „Гоце Делчев“ треба да започне во текот на летните месеци. Градот Скопје деновиве го објави огласот за избор на градежна компанија што ќе ја реализира третата фаза од проширувањето на оваа улица во должина од 1.150 метри. Со планираниот зафат е предвидено трасата да прерасне во булеварско решение, со по две сообраќајни ленти во секој правец, со нови пешачки патеки и целосно променето осветлување. Според тендерската документација, заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 18 јули, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Средствата за реализација на проектот се обезбедени од градскиот буџет, а конечната финансиска конструкција на зафатот ќе се знае со изборот на најповолниот понудувач.
Градската власт досега реализираше две фази од проширувањето на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов. Во октомври минатата година беше пуштена во употреба делницата од крстосницата на улицата Франклин Рузвелт до крстосницата на булеварот 8-ми Септември во должина од 750 метри. На крајот од 2011 година беше отворена за сообраќај и проширената траса помеѓу улиците Франклин Рузвелт и Костурски херои, а беше проширен и кракот кон улицата Мито Хаџивасилев Јасмин до свртувањето кон улицата Народни фронт. Градот Скопје во овој проект досега има вложено преку 143 милиони денари, односно над 2,3 милиони евра.