Министерството за транспорт и врски на денешното електронско јавно наддавање ја продаде градежната парцела за изградба на катна гаража зад републичкото собрание во центарот на Скопје. Компанијата „Анго ДООЕЛ“ ја доби локација со површина од 2.455 метри квадратни по цена од 8.355 денари за метар квадратен, односно вкупно 20.511.525 денари или околу 333.000 евра. Покрај за паркирање, идниот објект со максимална висина од девет метри ќе биде наменет и за мали комерцијални и деловни дејности, и тоа до 15% од неговата целокупна површина. Најповолниот понудувач во законски определениот период треба да ги уплати финансиските средства и да склучи купопродажен договор со надлежното министерство, по што ќе започне да тече деветмесечниот рок за добивање на градежна дозвола. Инвеститорот треба да ја изгради катната гаража во период од 72 месеци по издавањето на одобрението за градење.
Парцелата зад собранието беше огласена за продажба во јануари годинава. Поради одржувањето на локалните избори, електронската лицитација се одржа со задоцнување од неколку месеци. Претходно, во ноември 2009 година земјиштето на долгорочен закуп го имаше добиено „Макоил“, тогаш со намена за подземна гаража. Поради тоа што не го реализираше објектот во законски утврдениот период, фирмата пред неколку месеци го изгуби правото на закуп. Со измените на ДУП „Мал Ринг“, наместо предвидената подземна гаража, на ова место во меѓувреме беше вцртана маркичка за катна гаража.