Стилизираните сендвичарници со антички столбови во архитектонскиот стил на „Скопје 2014“ наскоро ќе бидат поставена на различни места во центарот на главниот град. Од огласените шест локации, Министерството за транспорт и врски на денешната лицитација успеа да продаде три парцели со површина од по 8 метри квадратни. Лицето Селим Муше ја доби парцелата на ул. Македонија, до спомен куќата на Мајка Тереза, за 391.003 денари за метар квадратен, а исто така и парцелата на кејот на Вардар, до хотелот Холидеј Ин, за 330.800 денари за метар квадратен. За сума од 6.600 денари за метар квадратен, фирмата Супрема ДОО ја откупи парцелата во паркот Жена – борец, спорти трговскиот центар Соравија. По потпишувањето на договорите во буџетот по оваа основа ќе се слеат 5.827.224 денари или околу 95 илјади евра. Постапката за продажба на овие локации се одолжи поради одржувањето на локалните избори.
Со последните измени на ДУП „Мал Ринг“ од пред неколку месеци, во центарот на Скопје се вцртани дури 20 локации за изведба на стилизирани сендвичарници, трафики и останати објекти кои треба да ги заменат постоечките киосци. Покрај надлежното министерство, Градот Скопје на крајот од минатата година избра идејно решение за идниот изглед на монтажните објекти за продажба на весници и сендвичи. Киосците што ќе се изведат во главниот град ќе мора да бидат изработени според архитектонскиот труд на Жарко Чаушевски, кој победи на распишаниот конкурс од страна на градската власт.