Два духа фатени за рака ја исполнуваат атмосферата на Скопје, традиционалниот и модерниот дух танцуваат, се соединуваат и пловат по волшебните пространства на градот. Од една страна ја имаме магичната Стара чаршија со тесните, таинствени, кривулести улички исполнети со живот; изградени мали дуќани од чии ѕидови како да избива длабинска енергија и секој камен и секоја пукнатина како да дише и раскажува своја приказна. И токму кога сме помислиле дека сме се вратиле во времето наназад го здогледуваме Камениот мост, кој покрај тоа што ги спојува двата брега на реката Вардар ги спојува изминатите со сегашните времиња, и како низ некоја временска порта преминуваме на другата страна; страна на модерно и современо Скопје, каде се отсликува новото општество во духот на индустрискиот и технолошки развој, ширење на градот, созревање во тек со созревањето на остатокот од светот.
Па токму откога ќе го поминеме плоштадот, повторно и тој направен во име на традиционалниот и модерен дух со комбинирање на фино обработени плочки и коцка која го симболизира минатото, се надѕида Градскиот Трговски Центар, мултифункционален комплекс кој има разновидни улоги. Продавници од секаков вид, сервиси кои нудат поштенски, банкарски услуги, кино сала како урбан феномен, подземна автобуска станица и подземен паркинг, ресторани, тераси го исполнуваат трговскиот центар; а однадвор од едната страна е збогатен со прекрасен парк, а на другата, на кејот на Вардар, нанижани се мноштво кафулиња.
Планирање, изградба и функционалност на Градскиот трговски центар
За разлика од долготрајниот, на некој начин спонтан процес на создавање на Старата чаршија, трговскиот центар, како масовна конструкција, како производ на брзото модерно време изграден е во рок од неколку години. Сепак, за разлика од мноштвото модерни трговски центри кои масовно се градат, Градскиот трговски центар успешно опстојува и се натпреварува со брзото темпо на модерното време на кое впрочем и самиот му припаѓа.
Со нови форми и одличен архитектонски план, Градскиот трговски центар е олицетворение на новото модерно индустриско општество кое се развива многу брзо. Со својата одлична местоположба, во центарот на градот веднаш покрај плоштадот, тој секојдневно е посетуван од многубројни граѓани кои поминале низ него поради тоа што имале потреба да испазаруваат нешто, или да се напијат кафе во некое од кафулињата, или пак едноставно само да поминат низ него одејќи од едната кон другата страна на централното подрачје.
По земјотресот согледана е потреба од трговски центар кој ќе биде во согласност со индустриското општество. Во почетокот на 1967 година се објавил општ југословенски конкурс за идејно решение без градежни и урбанистички ограничувања; при што се добиле такви решенија што на инвеститорот му давале гаранција дека идејата за изградба на повеќенаменски деловен простор е прифатлива и ќе може да се реализира. На местото каде било решено да се гради овој импозантен објект, пред земјотресот имало деловни објекти, продавници, угостителски и занаетчиски дуќани, објекти на Електростопанската заедница, Стопанска банка, Стоковна куќа, Етнолошки музеј, Гранд хотел „Скопје“, гимназијата „Цветан Димов“, црква и др. објекти.
Поради големината на објектот, сложената технологија, изработката на проектот била доверена на три проектантски институции: Завод за архитектура и урбанизам на град Скопје, Институт за студии и проектирање „Бетон“ и проектната организација „Македонија проект“. Главен проектант на проектот бил Поповски Живко – дипл. инж. арх. Изградбата започнала во 1969 година и трговскиот бил завршен до средината на 1973. Се стремело кон идејата објектот да ги задоволува сите човекови потреби, а притоа да обезбеди урбан и мирен простор за шетање. Поставени на различни нивоа, пешачките пасарели формираат улици по катови, преку кој се овозможува директен пристап и максимално користење на продажните површини.
Архитектонското обликување на пешачките пасарели и тераси се од големо значење во целокупниот третман на објектот. Тие имаат и функција за одмор, визуелна рекреација, лесни прошетки, како и простори за клупи, киосци, цветни жардиниери. Ефикасниот сообраќаен систем придонесува многу за организираното функционирање на трговскиот, а подземната автобуска станица овозможува поврзување на трговскиот со сите делови на градот.
Продавниците во Градскиот трговски центар функционално се нанижани и максимално е искористен просторот кој е на располагање. Интимноста која ја има во дуќаните на чаршијата, и каде мајсторот може да го раскаже патот на создавање на производот, не може да се пронајде помеѓу огромните продавници кои масовно нудат производи произведени од разни фабрики. Можеме да ги споменеме елитните продавници кои нудат брендови, производи на кој може да им се раскаже патот на создавање, но кои поради нивните високи цени, достапни им се само на мал број потрошувачи. Во еден од пасарелите на трговскиот центар се наоѓа т.н. златарска уличка, која потсеќа на златарската уличка во чаршијата. Атрактивните стаклени излози со накит и овде ги привлекуваат минувачите.
Помеѓу многуте излози во трговскиот, се проткајуваат и неколку книжарници кои го нудат книжевното богатство. Имено, уште во 16 век, Скопје има книжарница, за која се претпоставува дека се наоѓала во една од тесните улички на Старата чаршија, а неа ја држел книжарот Кара Трифун (Данило Коцевски, Чај од јужните мориња). Покрај мноштвото продавници кои се симбол на забрзаниот масовен развој, ГТЦ располага и со места за собирање на младите. Фонтаната, малиот плоштад кој се обединува со паркот жена – борец, поранешната кафе слаткарница „Ванила“, ги привлекувала младите со пријатна урбана атмосфера. Сместувањето на едно од скопските кина во овој трговски центар создава уште еден културно – социолошки простор за граѓаните, кои имаат уште една причина да го посетат токму овој објект.
Проткајување на минатото со сегашноста
Скопје е градот кој својот автентичен изглед го добива со симбиоза на современоста и традицијата. Од една страна е Старата чаршија која е јадрото на уметноста, каде секое ќоше зрачи со некаков необичен сјај и крие некаква таинствена приказна, тоа е ризница на безвременски вредности, но на кои им е потребна помош од масовното модерно општество, за да се промовираат за луѓето да можат да уживаат во убавините кои Чаршијата несебично ги нуди. Додека на само малку пешачење од неа, Скопје се преобразува во модерен индустриски град. Се издигнува Градскиот трговски центар како едно грандиозно и вредно архитектонско дело, кое масовно ги нуди потребите на современиот човек, но овозможува и некаков вид на забава и релаксација во новото забрзано време. Современоста како да ги руши границите на масовноста и елитноста и ги пренасочува да бидат во полза една на друга. Взаемно да соработуваат во насока на ширење на вредностите.
Кети Петкоска
(авторката е новинарка и магистрантка по културолошки студии на Институтот за македонска литература во Скопје, текстот произлегува од нејзиниот труд „Преплетување на традиционалниот и модерниот дух (Старата Чаршија – Градскиот трговски центар)“