Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска упати повик до сите архитекти и граѓани да се приклучат на утрешниот настан „Го сакам ГТЦ“ што ќе се организира на западниот влез на Градскиот трговски центар од страната на плоштадот „Македонија“. Иницијативата за поддршка на идејата за зачувување на карактерот и духот на маркантниот објект предвидува собирање потписи од граѓаните во периодот од 10 до 19 часот, јавно говорење на архитектите во 18 часот и симболичен гест – гушкање на ГТЦ со почеток во 19 часот. „Да се обидеме нашиот глас да стигне што подалеку, до што повеќе граѓани. Не само пред настанот, туку и после настанот“, велат од организацијата. Покрај утрешниот протестен собир, во наредниот период ќе продолжи собирањето на потписи од граѓаните.
„ГТЦ мора да остане отворен, проточен за пешачко движење, функционален, автентичен и градски. Овој објект е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје, од неговото градителско, историско и културно наследство. Секоја несоодветна промена на ГТЦ е сквернавење и на нашите спомени и лични истории“, истакнуваат од ААМ. Настанот досега го поддржаа неколку здруженија на граѓани, но и сопствениците на дуќани кои работат во објектот. Причина за револтот на стручната фела и на граѓаните лежи во неодамнешниот избор на идејно решение за промена на ликот на ГТЦ, кое предвидува реализација на барокна фасада, доградба на последниот кат со изведба на три куполи, десетици антички столбови и тераса со бројни скулптури.