Претходна статија
2,6 милиони евра за регионалниот пат Радовиш - Конче - Лубница
Следна статија
ЕВН ветува инвестиции од над милијарда евра во дистрибутивната мрежа во наредните 20 години

Ќе се изработува проект за реконструкција на автопатот од Неготино до Демир Капија

Објавено на 11.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автопат  Неготино - Демир КапијаИако е изградена во периодот од 2003 до 2005 година, автопатската делница од Неготино до Демир Капија влезе во државната програма за реконструкција на патниот Коридор 10. Агенцијата за државни патишта распиша оглас за прибирање понуди за изработка на проектна документација за санација и рехабилитација на овој автопатски сегмент во должина од 15,4 километри. Планираните инженерски услуги треба да се реализираат во временски период од 10 месеци по склучувањето на договорот со најповолниот понудувач. Заинтересираните проектантски фирми треба да ги достават своите понуди до Агенцијата за државни патишта најдоцна до 26 јули. Македонската влада во неколку наврати најави дека во наредниот период ќе следи рехабилитација на постоечкиот коловоз на автопатските делници од Коридорот 10. Сообраќајните врски од Велес до Катланово и од Скопје до Куманово ќе добијат приоритет при санацијата.

 

Изведбата на трасата од Неготино до Демир Капија беше остварена во три фази во периодот од 2003 до 2005 година. Првата и втората етапа беше финансирана од Фаре програмата, додека третата фаза беше имплементирана преку Кардс програмата на Европската комисија. Вкупната должина на автопатот од Коридорот 10 што минува низ Република Македонија изнесува 172 километри. Во моментов грчката компанија „Актор“ ја реализира изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица.