Министерството за транспорт и врски објави оглас за отуѓување на државно градежно земјиште за изградба на здравствена институција, по пат на јавно наддавање. Предмет на огласот е парцела во близина на Воена Болница, зад бензинската пумпа на Макпетрол, со големина од 8.400 метри квадратни. Објектот е предвиден со ДУП за Локалитет Карпош 2, чив опфат е помеѓу ул. Бледски Договор, бул. Илинден, бул 8-ми Септември и бул. Партизански одреди, а кој е донесен на 23.12.2009. Со деталниот урбанистички план, кој општината го донесе по барање на владата, се предвидени два нови здравствени објекти со приземје и 4 спрата, високи по 21 метар. На парцелата на која се однесува огласот треба да никне зграда со површина на габаритот од 2.541 метри квадратни и максималната изградена површина од 12.707 метри квадратни. Со условите на огласот се бара да бидат обезбедени 260 болнички легла и 100 паркинг места.
Почетна цена за метар квадратен изнесува 12.000 денари, односно 100.800.000 за целото земјиште. Пријавите за учество можат за да се доставуваат најдоцна до 05.05.2010, а јавното наддавање ќе се одржи на 12.05.2010, во просториите на Министерството за транспорт и врски, со почеток во 11 часот.