Потпишување на петиција против менување на изгледот на Градскиот трговски центар на 14 јуни и организирање на протестен собир истиот ден во 19 часот. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) на вчерашната средба ги договори деталите за отпочнување на акцијата „Го сакам ГТЦ“. Се повикува стручната јавност и граѓаните со жив штит да застанат во одбрана на ГТЦ од обидот за негово обезличување. ААМ во наредниот период планира да иницира и научен симпозиум во врска со континуираното нарушување на препознатливиот изглед на центарот на Скопје, но и поради прекршувањето на загарантираните права на архитектите врз сопствените дела. Архитектонската фела се одлучи да поднесе барање до Комората на овластени архитекти и инженери на Р.М. за одземање на овластувањата за проектирање на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, чие идејно решение победи на распишаниот конкурс од страна на раководството на ГТЦ. Од ААМ оставаат простор до сите граѓани и организации да се вклучат во протестниот собир со креативни и остварливи предлози.
Според македонската законска регулатива, архитектите имаат морални права кои го штитат авторот и интегритетот на делото. Секој архитект има право да се спротивстави на менување, деформирање или сакатење на делото што може да наштети на неговата личност, чест и углед, како и на уништување на делото. Моралните права на авторите важат и по нивната смрт и истите се штитат од наследниците, соодветното здружение на автори или Македонската академија на науките и уметностите. Во сопствена одбрана, авторот на победничкото идејно решение за ГТЦ, Жарко Чаушевски пред неколку дена обвини за дилетантизам и елементарно непознавање на струката од страна на претседателката на ААМ, притоа потенцирајќи дека не би можел да биде член на таква организација. Идниот изглед на ГТЦ беше објавен пред 10-тина дена, и во негови рамки е предвидена реализација на фасада во стилот на „Скопје 2014“, три куполи, десетици антички столбови и тераса со бројни скулптури на последниот кат од објектот