Претходна статија
Довршувањето на објектот „Југобанка“ ќе чини 15,5 милиони евра
Следна статија
Австрија победи на овогодинешниот „Кнауф јуниор трофеј“

ЕЛЕМ ќе плати 11,6 милиони евра за новиот објект спроти „Бристол“

Објавено на 06.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За изградба на идниот административен објект на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ќе се потрошат 715.100.812 денари или над 11,6 милиони евра. Државната компанија на 24 април годинава склучила договор со австриската компанија „Штрабаг АГ“ за реализација на зградата на местото на некогашниот парк спроти хотелот „Бристол“. Рокот за завршување на проектот е до крајот на октомври 2014 година. Планираниот објект во класицистички архитектонски стил е предмет на оспорување од страна на општина Центар, која најави дека ќе спроведе ревизија на урбанистичкиот план. Иако реализацијата на овој објект е пред самиот почеток, од ЕЛЕМ досега не излегоа со визуелен материјал за неговиот надворешен изглед.

 

 

 

 

Зданието е предвидено да биде високо 29 метри, ќе се состои од приземје, осум ката и поткровје, додека за администрацијата ќе биде наменет канцелариски простор со површина од 9.130 метри квадратни. Проектната документација ја изработи фирмата „Неимар инженеринг“, а идејното решение е дело на авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски. Овој објект од проектот „Скопје 2014“ се гради на местото на дрвјата од некогашниот парк, за чие сечење граѓаните од околните згради организираа протестни собири.