Градежните активности на автопатската делница Демир Капија – Смоквица се одвиваат побргу очекувањата и досега наместо предвидените 7,9% се реализирани над 11% од работите. Расчистени се околу 85% од трасата и се работи на пробивање на тунелот Т1 близу Демир Капија. До овој момент во едната тунелска цевка (кон Гевгелија) се пробиени околу 300 од вкупно 1.214 метри, додека во другата (кон Скопје) се пробиени околу 250 од вкупно 1.275 метри. Засега тунелот се пробива само од јужната страна. Во тек се и геомеханички испитувања за мостовите Б2, Б3 и Б5. Според планот, бетонските работи на големиот мост Б2 преку Вардар треба да започнат во април догодина, а ископот на темелите би отпочнал значително порано. Од „Актор“ во изјава за „Билд“ истакнуваат дека со оглед на прогресот, во игра е опцијата изградбата на овој мост да стартува и пред зацртаното, можност која моментално се разгледува.
Според премиерот Никола Груевски, кој денеска беше во обиколка на градилиштето, се работи за инвестиција во вредност од околу 220 милиони евра. „Досега се исплатени околу 24 милиони евра, а до крајот на годината ќе бидат исплатени околу 55 милиони евра. Следната година се планира да бидат инвестирани дополнителни 55 милиони евра и година подоцна околу 60 милиони евра и преостанатиот дел во првите осум месеци од 2016 година кога треба да заврши изградбата на овој автопат“ изјави Груевски.
Делницата Демир Капија – Смоквица ќе биде автопатско решение со по две ленти во правец, широки по 3,5 метри. Проектираната брзина е 110 километри на час. Финансиите за реализација на проектот во најголем дел се обезбедени преку заеми од Европската банка за обнова и развој (EBRD) и од Европската инвестициска банка (EIB), како и преку грант од ИПА фондовите на ЕУ, додека од државниот буџет на земјава се обезбедени околу шест милиони евра. Изградбата започна во септември минатата година, изведувач на градежните работи е грчката компанија „Актор“, а рокот за завршување е септември 2016 година.
Според податоците кои ги добивме од „Актор“, вкупната должина на трасата изнесува 28.500m
Поважни објекти на автопатот ќе бидат:
– Тунел Т1 (близу Демир Капија и Челевечка Клисура)
десна цевка: 1.214m
лева цевка: 1.275m
– Тунел Т2 (во планинскиот предел помеѓу Челевечка Клисура и Миравци)
десна цевка: 1.295m
лева цевка: 1.155m
– Мост Б1 (преку Вардар, кај Демир Капија): 132m
– Мост Б2 (преку Вардар, кај Челевечка Клисура): 446m
– Мост Б3 (во планинскиот предел помеѓу Челевечка Клисура и Миравци): 475m
– Мост Б4 (во планинскиот предел помеѓу Челевечка Клисура и Миравци): 395m
– Мост Б5 (во планинскиот предел помеѓу Челевечка Клисура и Миравци): 500m
– Мост Б6 (кај Миравци): 97m
– 5 надвозници
– 7 подвозници
– 2 клучки (Смоквица и Миравци)
– Неколку големи засеци, насипи и потпорни ѕидови
– Околу 100 пропусти
– Контролен центар