Општина Петровец денеска распиша оглас за продажба на градежно земјиште за изградба на голем трговски центар и на лесна и незагадувачка индустрија во мултифункционалната зона „Ќојлија“. Првата парцела со површина од 70.661 метри квадратни е наменета за трговски центар со компатибилни класи на намена, при што објектот со приземје и два ката би се простирал на 74.194 метри квадратни. Вкупната почетна цена на оваа локација изнесува 17.665.250 денари, односн 250 денари за метар квадратен. Двете други парцели за изградба на лесна и незагадувачка индустрија се со површина од 10.893 и 8.875 метри квадратни, а нивната почетна цена изнесува 120 денари за метар квадратен. Субјектите што сакаат да учествуваат на електронската лицитација треба да уплатат депозит за учество во износ од 10% од вкупната почетна цена за секоја парцела.
Заедно со доказот за уплата, заинтересираните субјекти треба да ги достават пријавите за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 8 јули. Лицитацијата ќе се одржи на 12 јули. Победничките компании треба да ги изградат предвидените објекти во рок од шест години од денот на добивање на градежната дозвола. Во мултифункционалната зона „Ќојлија“ досега се продадоа повеќе од 60 градежни парцели за изградба на објекти од различен вид. Атрактивниот простор за инвеститорите е лоциран на само 17 километри од Скопје, во непосредна близина на аеродромот „Александар Велики“, автопатот и железничката пруга од Коридорот 10.