Битолската локална власт повторно објави повик за воспоставување јавно – приватно партнерство за изградба на покриен олимписки базен кај градското шеталиште, во близина на спортската сала „Младост“. Затворениот базен е предвидено да биде со димензии од 25 метри во широчина, 53 метри во должина и со максимална длабочина од 2,05 метри. Важноста на договорот со идниот приватен инвеститор е предвидено да биде најмногу 15 години, при што бројот на години на важност на договорот ќе биде главниот критериум при изборот на најповолната понуда. Компанијата што ќе победи на огласот е должна да го изгради објектот за максимум четири години. Заинтересираните треба да ги достават своите понуди најдоцна до 19 јуни.
Општина Битола на почетокот од годинава се обиде да најде приватен партнер за реализација на овој проект, но првиот обид заврши неуспешно бидејќи не се јавија заинтересирани инвеститори. Битола е еден од поголемите македонски градови што не располага со затворен базен.