Наместо на изложба на архитектонски дела, идејните решенија за идните административни зданија на Народната банка на Македонија, Советот за радиодифузија, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), објектот на регулаторни тела и на МЕПСО се објавија во новата туристичка мапа на главниот град. Иако за дел од барокните и неокласицистичките згради сè уште не е завршена постапката за избор на победнички труд и не се објавени имињата на архитектите во македонската јавност, Градот Скопје се одлучи визуелизациите на објектите да ги вметне во мапата на туристички знаменитости на метрополата. Од Народна банка на Македонија за телевизија „Алфа“ напоменуваат дека публикуваниот труд во мапата не е официјално избран од нив, но и дека заедно со локацијата за градба од Министерството за транспорт и врски добиле и идејно решение за објектот. Резултатите од пристигнатите трудови на јавниот конкурс не се обелоденети ниту за зградата на Советот за радиодифузија, и покрај тоа што конкурсот за избор на идејно решение беше распишан во октомври минатата година.
Иако изградбата на објектот на регулаторните тела веќе е започната во некогашниот парк спроти хотелот „Бристол“, визуелизации од градбата досега не се публикувани. Идентична е состојбата со изведбата на новото здание на ЕЛЕМ, но и за реконструкцијата на фасадата на МЕПСО. Македонската јавност може да се запознае со параметрите на овие административни згради единствено со увид во урбанистичкиот план „Мал Ринг“, иако најголем дел од нив се градат на плоштадот „Македонија“ и долж истоимената улица во центарот на Скопје. За разлика од ваквата практика на јавните институции во земјава, при изградбата на нови објекти од јавен интерес во светот вообичаено е да се објават имињата на жири – комисијата што одлучува на конкурсот, но и визуелизации на сите пристигнати дела и победничкото решение. Крајот од постапката за избор на архитектонски трудови завршува со организирање изложба од пристигнатите дела на конкурсот.