За утре е најавено поставување на камен темелник за Технолошката индустриска развојна зона Штип. ТИРЗ Штип е со површина од 206 хектари и е најголема од предвидените слободни економски зони во Македонија. Се наоѓа северозападно од градот, кај локалитетот „Три Чешми“, веднаш до клучката на излезот од Штип кон Велес, Кочани и Радовиш. Во границите на зоната покрај производство и услуги се предвидени и површини за комерцијални и деловни единици, јавни установи, зеленило и спорт и рекреација.
Со церемонијата на која ќе присуствува и премиерот Никола Груевски се обележува почетокот на првата фаза од изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Штип. Со нејзе е опфатена изградба на главна сообраќајница долга 2,2 километри, атмосферска канализација, водоводна и канализациона мрежа. Вкупната инвестиција за првата фаза ќе изнесува околу 7 милиони евра. Во втора фаза ќе биде разработена преостанатата инфраструктура.
При посетата на Штип, премиерот ќе ја пушти во употреба и новата спортска сала во населбата Сењак, која ќе биде предадена на користење на Универзитетот „Гоце Делчев“. Таму се планира и изградба на затворен базен и на објектите на новиот студентски дом.