Претходна статија
Ќе се гради нов студентски дом на местото на „Медицинар“
Следна статија
Камен темелник за првата ветерна електрана во Македонија

1,3 милиони евра за ентериерно уредување етно селото кај Нерези

Објавено на 17.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Започнува внатрешното уредување на објектите од комплексот „Македонско село“, кое се гради во близина на манастирот Св. Пантелејмон во Горно Нерези [»мапа]. Министерството за економија склучи договор со градежната компанија „Бауер БГ“ од Скопје за изведба на ентериерот на комплексот, во висина од 79.606.513 денари или околу 1,3 милиони евра. Втората етапа од проектот за изградба на автентични куќи од разни краишта на земјава треба да се оствари во наредните 12 месеци и истата да заврши најдоцна до мај 2014 година. Вкупната инвестиција во етно селото со површина од 15 илјади метри квадратни со ова се искачи на 295 милиони денари или околу 4,8 милиони евра.

 

 

* Архивска фотографија од изградбата на комплексот „Македонско село“ од април 2012 година

 

 

Во рамките на комплексот веќе се изградени традиционални куќи од велешко, прилепско, битолско, струшко, кратовско, делчевско, беровско, кумановско, тетовско, Река, Галичник и Скопска Црна Гора, а со проектот се предвидени и традиционален ан, воденица, фурна, валалница, трло, штала и слични зданија што треба на туристите да им го претстават животот во минатото во нашата земја. Градежните работи се одвиваа во изминатите две години. Изведувач на првата фаза беше компанијата „АК Инвест“ од Тетово, за надзорот беше задолжен „Евро консалтинг“, а проектот го изработи „Боград“ од Струга.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект